Алтерофобија

Piše: Dženk Ejup
Како се справуваат нонконформистите, во едно конформистичко општество

 

Индивидуалноста отсекогаш била најголемата човечка доблест. Теоретски кажано. Но, дали во праксата е навистина така ? Која е цената која треба да биде платена, за безбедно да се опстојува надвор од комфортната зона.

Живееме во општествено уредување и време во кое секој посакува, или барем се обидува да биде прифатен од останатите. Време во кое, секој втор, е следбеник на првиот. Заслепени од онаа слика, која ние сакаме останатите да ја имаат за нас, се` додека не се погледнеме во огледалото и размислиме, кои сме ние всушност, и дали сме задоволни од она кое го претставуваме...?

Постои една група на луѓе, која излегува од стегите на општеството, поставувајќи сопствени правила на игра. Поставувајќи сопствени стандарди на убавината, и на она што всушност е прифатливо, а што не е. Поточно кажано, луѓе, кои живеат за себе, за своето лично задоволство и според свои лични убедувања. За она задоволство - кога се погледнуваш во огледало, се насмевнуваш и си велиш себе си:

- Да, ова сум јас, производ на сопствената слобода. Ослободен од општествените норми и правила. Човек, кој одбива туѓ начин на живеење, и ја жртвува својата безбедност поради тој свој избор и одлука.

Некои ги нарекуваат „наркомани“, некои ги нарекуваат „сатанисти“, некои дури се осмелуваат и физички да им наштетат. Но, што се всушност тие ?

Припадници на алтернативните супкултури! Застапници на слободната волја, и желба. Борци за сопствените идеали ! Трагачи по слободата на нескротливиот дух, кој во ноќите патува низ универзумот, прославувајќи ја својата победа за слобода. Но, дали е се така „розево“ во тој свет ? За жал, не.  

Цената, која е потребно да биде платена, само за да може да се биде она кое се сака, понекогаш знае да биде навистина висока. Понекогаш, да се плати со сопственото здравје...или живот.

Многу често, на улица се пресретнувани со погрдни зборови, погледи, пцовки, и насилство. Соочени со проблеми, кои не ги предизвикуваат, а со кои, за жал секојдневно се соочуваат. Навреди, омаловажувања, како во сопствените домови, така и од околината во која битисуваат, само поради начинот на кој изгледаат, или се облекуваат. Само поради начинот на кој размислуваат.

Насилството врз припадниците на алтернативните супкултури, е наречено Алтерофобија

Постојат населени места, во кои Алтерофобијата, се третира како говор на омраза. Како на пример во Манчестер, Англија. 

Постојат и држави, во кои да се биде припадник на одредена супкултура, е забранета со закон, како на пример во Русија. 

Постојат и држави, во кои се организираат протести за искоренување на овие супкултури, како Мексико. 

А постојат и такви држави, кои воопшто не се ни занимаваат со овој проблем.

Во денешното општество, Алтерофобијата, како во круговите на алтернативните супкултури, така и надвор од нив, не е воопшто разработувана како тема за дискусија. И истата воопшто не се сфаќа како тема која би предизвикала одредени сериозни последици. Меѓутоа, како во светот, така и во Македонија, припадниците на алтернативните супкултури се соочуваат со дискриминација на работните места, мобинг, општествена стигматизација па дури и со насилство, за кое многу ретко или речиси никогаш не се говори.

Во 2007мата година, во Велика Британија, 20 годишната Софи Ланкестер, на пат кон дома заедно со нејзиното момче Роберт Малтби, била нападната поради нејзиниот готик изглед и после 13 дена поминати во кома, Софи починала. Подетално објаснување за нејзиниот случај, ќе пронајдете тука.

По нејзината смрт, во 2009 е создадена Софи Ленкестер фондацијата, за која можете подетално да дознаете на следниов линк.

Во Република Македонија, Алтерофобијата е проблем, кој не е „познат“ и препознаен како таков, (дури и не постои во речникот на македонскиот јазик),  а е ширум распространет. Таа постои во образовните институции, во домовите на припадниците на алтернативните супкултури, на улиците, на нивните работни места, па дури понекогаш и на места каде се собираат и дружат младите нонконформисти. За жал, бранот на Алтерофобија кој е ширум распространет низ Република Македонија, полека почна да сее страв дури и внатре, во самиот круг на овие луѓе, што доведува дури и до меѓусебно разјадување, нетрпеливост и конфликти помеѓу истите.

Одреден дел од припадниците на алтернативните супкултури, се имаат откажано од својот идентитет само поради сопствена безбедност, или поради „нормално“ функционирање и вклопување во општеството.

Не постои никакво забележување на ова насилство, никаква онлајн платформа, а доколку пријавиш во полиција дека си нападнат поради начинот на облекување, ќе добиеш потсмев и одговор кој отприлика гласи:

- Па, оди облечи нешто нормално, немој да изгледаш како изрод.

Борбата на припадниците на алтернативните супкултури е секојдневна и перзистентна. Нападите се во постојан пораст, а никој не превзема ништо околу тоа. Но, проблемот е во тоа што навистина Алтерофобијата во Македонија не претставува никаква закана според мнозинството, додека реалноста, е сосема поинаква.

Во одредени населби во Скопје, како и во помалите градови низ Македонија, скоро и да е оневозможен пристапот на оваа група на луѓе. Веднаш се соочуваат со погледи, префрлувања, и за жал, физички напади. На една од забавите во главниот град Скопје, две млади момчиња на 20 годишна возраст, во старата скопска чаршија беа физички нападнати, само поради начинот на облекување. И никој не реагираше на тоа. Едноставно, тука, за жал, припадниците на алтернативните супкултури, се имаат помирено со фактот дека живеат во таква држава, и дека не може ништо да се стори околу тоа.

И да го исклучиме насилството настрана, проблемот е во тоа што во Република Македонија, да си припадник на одредена алтернативна супкултура е „период“ во животот низ кој сите поминуваат, и од кој сите „излегуваат“, созревајќи (читај: се претопуваат и слеваат во општоприфатеното, нормалното, моралното). Припадниците на алтернативните супкултури се сметаат за несериозен тип на луѓе, кои немаат поставено никакви цели во животот, ниту имаат достигнато одредени успеси. Но, тоа се само општествени стереотипи.

Алтернативните супкултури, освен музиката и облеката, на човекот му понудуваат и одреден начин на гледање на нештата околу себе, одреден начин на размислување и функционирање, во кој откако една личност ќе се пронајде, само се надоградува. Една супкултура, соддржи целосна идеологија, која со текот на времето при нејзиното проучување, преминува во секојдневно функционирање во реалноста.

Алтерофобијата може да биде сопрена само доколку отворено се проговори за неа и истата се третира како сериозен, а не маргинален општествен проблем. Промената започнува од секој од нас. Да не дозволиме индивидуалноста да биде само теоретска дефиниција, ами да ги зачуваме вистинските вредности на човекот, и да прифатиме дека секој од нас е различна индивудуа, со свој личен генетски код, своја ДНК, свои лични отпечатоци од прсти, свој Homo Sapiens. Не Homo Erectus. И дека секој од нас различно се облекува, различно размислува, различно се моли, функционира и живее, и припаѓа на различна заедница на луѓе. И е слободен човек и граѓанин на општеството. Право, кое е загарантирано во Уставот на секое демократско општество!